[english] дома слики ОССМ
„Доста зборење, покажете го КОДОТ!!!“

Доколку бевте во Скопје на 3 Јуни 2004 година, а сте дел од малиот, но растечки ИТ сектор во Македонија, тогаш најверојатно имаше само едно место на кое требаше да бидете. Тоа беше отварањето на втората годишна конференција на Мајкрософт „Визија„, на која беше најавена презентацијата на македонскиот превод на Windows XP и говор за комерцијалниот софтвер како бизнис модел под наслов „Free is only free if your time is worth nothing“. Иронично, билетите за отварањето беа бесплатни.

Мајкрософт-Македонија потроши многу пари за да ги информира сите граѓани на нашата мала земја (со население од околу 2 милиони, од кои само 4% имаат пристап на Интернет) дека и оваа година ќе се одржи „Визија“. Во тоа време ние (Слободен софтвер Македонија) се договаравме за нашите следни чекори по успешно одржаниот Install fest и ни дојде нова идеја. Зошто да не искористиме дел од парите на Мајкрософт, или подобро речено дел од нашите пари кои Владата реши да му ги даде на Мајкрософт потпишувајќи го стратешкиот договор со него, за да промовираме слободен софтвер?

Идејата беше едноставна. Бидејќи, во никој случај не бевме во можност да изнајмиме толку голема сала како Универзална и да собереме повеќе од 50 ИТ професионалци решивме да ги искористиме активностите на Мајкрософт како подлога за нашиот план. Луѓето и така и така веќе доаѓаа за софтвер, па зошто да не им поделиме слободен софтвер? Ќе бидат изненадени и љубопитни, а можеби програмите ќе им бидат од корист. Тоа беше идејата.

Така, ја собравме екипата: Поделивме 1000 дискови (500 за Knoppix, 500 за TheOpenCD) на 10-тина режачи, и за два дена ги снимивме дисковите. Следеше пакување. Дисковите ги спакувавме заедно со памфлетчиња со основни информации за програмите и за нашата организација. На секоја опаковка удривме печат „Веќе е легално“ (како одговор на кампањата на Мајкрософт „Внимавај да биде легално“). Го потрошивме целиот буџет на организацијата од околу 250$, што дефинитивно се многу пари за Македонија и нашата организација. Дисковите беа готови и отидовме.

Дисковите ги делевме пред влезот на Универзална на ИТ професионалците (претежно менаџери) кои поради дождот брзаа да влезат внатре. Сепак некои од нив застануваа и прашуваа: „Што е ова? Да не е Мandrake“, „Би сакал да ги пробам сум слушнал дека се квалитетни програми“. Според проценките околу 600-тина луѓе решиле да си ги искористат своите бесплатни билети за конференцијата. Само околу 15-20 одбија да ги примат дисковите. Во повеќето случаи нивната реакција беше: „Веќе плативме за лиценците за Мајкрософт програмите“. Главно сме задоволни од реакциите.

Си ја завршивме нашата работа најдобро што знаевме и умеевме. За не повеќе од 30 минути успеавме да поделиме околу 900 дискови со слободен софтвер. Решивме да ја наречеме оваа операција „Free Software Flood“ (Поплава со слободен софтвер). Една од причините беше дождот кој врнеше тој ден, но побитно беше тоа што ја преплавивме конференцијата на Мајкрософт со слободен софтвер.

Искрено се надеваме дека нашите напори нема да бидат залудни. Се надеваме дека повеќето од тие што добија дискови ќе имаат време и интерес да видат што има на нив, и дека ќе научат корисни работи, како на пример тоа дека има поинакви решенија отколку да се плаќаат огромни суми пари за софтверски лиценци кои го ограничуваат корисникот.

До следната конференција на Мајкрософт, кодот нека биде со вас (May the source be with you). ;-)