You are here

Препораки за заштита на здравјето и приватноста на граѓаните за време на COVID-19

Здравјето на граѓаните и справувањето со кризата се приоритет број еден на нашето општество. Затоа го поздравуваме потегот на МИОА за воведување на апликацијата со цел да се контролира ширењето на COVID-19 и за насочено следење на социјалните контакти на граѓаните преку имплементирање на технолошки мерки.

Сепак вниманието и должноста на Слободен софтвер Македонија секогаш биле и се насочени кон зачувување на приватноста и анонимноста на граѓаните при користење на технологијата, како и кон искористување на веќе воспоставени позитивни практики во светски размери на слични решенија.

Во вонредни ситуации како оваа, довербата која граѓаните ја имаат кон институциите е од клучно значење. Токму затоа секоја донесена мерка и спроведена практика треба да ги оттргне сите сомнежи за можна злоупотреба на уставно-загарантираните права и слободи на граѓаните.

Во контекстот на употреба на вакви технологии за следење, единствениот начин да се осигура доверба е исполнувањето на следните услови кои ќе гарантираат целосна приватност, анонимност, лични права и слободи на корисниците:

  • Јавна достапност на изворниот код на апликацијата за постојана ревизија од страна на експерти од областите на безбедност, робусност и исправност на технички решенија.
  • Имплементација на методи кои ќе обезбедат корисниците да се осигураат дека апликацијата која што ја преземаат е изградена од истиот изворен код кој е јавно достапен.
  • Јавна достапност до процесот, алгоритмот и принципот на анонимизирање на податоците и информациите што се прибираат.
  • Усогласеност на технолошките мерки со Законот за зашитата на личните податоци (од неодамна усогласен со Европската регулатива за зашита на лични податоци, популарно наречена GDPR) и други релевантни законски одредби (на пример Законот за заштита на правата на пациентите и Законот за здравствената заштита).
  • Јасна и недвосмислена неопходност за давање на дозвола за пристап до податоци од уредите на граѓаните. Дозволата за пристап треба да биде одобрена од граѓаните со цел исполнување на потребните услови за работа на апликацијата.

Исполнување на горенаведените услови ќе значи дека и покрај сериозната здравствена криза со која што се соочуваме, не само што ќе ги почитуваме и нема да ги прекршиме човековите права и слободи и ќе ја зацврстиме довербата во институциите, туку и ќе придонесеме во борбата против епидемијата.