You are here

Проекти на кои работи 2С.мк и заедницата на корисници на слободен софтвер во Р. Македонија

Работата на Слободен софтвер Македонија се состои од проекти и програми. Проектите на кои работат сите луѓе во заедницата се бројни. Ако некој проект се покаже како подолготраен и е потребна непрекината активност за негово функционирање преоѓа во програма. Програмите претставуваат долготрајни активности кои секојдневно се одвиваат. Понекогаш е тешко страницата за проекти и програми секогаш да има најсвежи информации. Затоа ако нешто барате и го нема тука или едноставно не сте сигурни, прашајте на поштенската листа [ossm-members] за да добиете најнови информации.

Програма за локализација на слободен софтвер

Слободен софтвер Македонија е матичната организација одговорна за локализација на слободниот софтвер на македонски јазик, вклучително OpenOffice.org, производите на Mozilla, околините за десктоп GNOME и KDE и други апликации за десктоп.

Список на проекти за локализација во рамките на програмата за локализација на слободен софтвер можете да погледнете на следнава врска. Ако знаете некој проект за локализација на слободен софтвер кој не е на листата, можете слободно да го додадете.

Вики за слободен софтвер

Викито за слободен софтвер започна како проект на Лугола - Групата на корисници на ГНУ/Линукс од Битола, за сега веќе да прерасне во жива вики заедница каде придонесуваат многу луѓе.

Целта на викито е собирање на информации и знаење од областа на слободниот софтвер и глобално слободната култура, од заедницата на слободен софтвер. Тимот што стои зад ова Вики е на располагање за разгледување на вашите идеи и предлози. Доколку користите слободен софтвер сигурно знаете колку значи помошта од другите при разбирањето на целата филозофија и принципите на работа на истиот. Помогнете им на другите и помогнете го развојот на општеството, испратете содржина за помош со што Вики за слободен софтвер ќе стане средиште и главна база на знаења од оваа гранка на општеството.

Слободен софтвер, слободна култура, слободно општество

Сподели знаење е името на работилниците кои се одржуваат секој втор вторник на ФЕИТ во Скопје за време на учебната година. Сподели кино се вечерите за проекција на филмови и предавања кои се на темите за слободен софтвер и слободна култура или кои се едноставно интересни. Повелете, забавно е! Повеќе информации има на http://spodeliznaenje.blogspot.com.

Ресурсен центар за отворениот формат за докуметни

Ресурсниот центар за ODF - Отворениот формат за докуметни (http://odf.slobodensoftver.org.mk) е проект на Слободен софтвер Македонија насочен кон кревање на свесноста за користење на отворени стандарди, посебно во канцелариското работење.

Освен ODF постојат и други отворени формати, како на пример Ogg. Размислуваме да отвориме ресурсни центри и за овие отворени формати. Ако сте заинтересирани да помогнете, приклучете се на поштенската листа.