Правилник за раководење со проектор

Слободен софтвер Македонија (2с.мк) располага со проектор Benq cp220c, кој го купивме благодарејќи на јавно собирање донации. Сметаме дека проекторот треба да биде достапен и за други организации - за да не бидат доведени во ситуација (во која 2с.мк бил многу пати претходно) да неможат да организираат настани поради глупа причина како немање проектор.

Сепак како оскуден ресурс, ќе мора да дефинираме некои правила за користење на проекторот од други организации:

  • Слободен софтвер Македонија има предност на користење на проекторот. Доколку проекторот е планиран за некоја активност на Слободен софтвер Македонија, тогаш нема да биде достапен за други.
  • Проекторот е достапен само за јавни настани од општ интерес. Настани кои се затворени за јавноста, или пак бараат специјални регистрации, за нив нема проектор.

Слободен софтвер Македонија го задржува правото да го менува на транспарентен начин правилникот наведен погоре, како и дека има дискреционо права да не одговори позитивно на барањето ако проекторот треба да се користи за потребите на нашата организација.

Исто така името на корисниците ќе биде објавено на нашата листа на корисници на проекторот.

За да го добиете проекторот пишете нѝ на нашата email адреса, и отворете барање во системот за задачи, за да знаат нашите членови дека некому му е потребен проекторот и најдат слободен човек кој ќе го донесе на настанот и ќе го земе откако настанот ќе заврши. Ќе се обидеме да ви одговориме во разумен рок.

Сите оние кои имаат потреба да го ползуваат проекторот со кој располага Слободен софтвер Македонија, треба да го пополнат своето барање минимум 5 работни дена пред да се случува настанот, да напишат за каков настан им треба и за што ќе се употребува и кој е организатор на настанот, како и да остави информации за контакт.